Добредојде во единственото суверено Големо Војводство на светот! Луксембург Сити е шармантна комбинација на древно и модерно, локално и глобално, едноставност и луксуз. Талкај низ стариот град, низ тесните, кривулести улички. Оваа област е одлична за да уживаш во спектакуларните глетки на историските згради и градските камени мостови преку реката, како и поранешната тврдина на автентичните градски ѕидини на Луксембург. Градот Луксембург има одличен систем за јавен превоз со неколку иновации за лицата со попреченост, што му помогна да го освои првото место на конкурсот за наградата Пристапен град за 2022. Градот Луксембург ја воведе апликацијата сити апп во 2020 година, која нуди информации за целиот град, како што се автобуски возен ред, паркинг места и достапност на јавни велосипеди, а исто така им овозможува на корисниците да комуницираат со градските службеници. Употреби ја за да стигнеш до “пловечката" велосипедска патека која е закачена под познатиот мост Пон Адолфe!
Ти препорачуваме да застанеш во Лувен на твоето DiscoverEU патување а еве и зошто! Додека си во белгискиот град, ќе можеш да се прошеташ низ малите и големите бегињажи, тие редици од улички, дворови, градини и паркови со десетици куќи и манастири. Големиот бегинаж е вклучен на списокот на светското наследство на УНЕСКО и е бесплатен, па зошто да не го посетиш? Има уште многу да се види во Лувен, и за најдобро да се подготвиш за патувањето, направи една виртуелна обиколка на градот. Како паметен град, Лувен, исто така се стреми најдобро да ја искористи иновацијата за да го подобри квалитетот на живот на своите жители. Белгискиот град е именуван за Европска метропола за иновации за 2020 година. Во 2022 година, исто така, доби специјално признание за интегрирање на пристапноста, вклучувајќи ја и во дигиталната област. Лувен создава инспиративни модели на управување, во кои жителите, компаниите, организациите и институциите кои работат во областа на знаењето, се ангажирани да помагаат во обликувањето на иднината.
Добредојде во Рофа*! Ротердам нуди многу неверојатни културни искуства кои го прават градот задолжително место за престој за време на твоето патување преку DiscoverEU! Во Холандскиот град има многу блескави примери на модерна, иновативна архитектура, вклучително еден особено необичен станбен комплекс познат како де Кубусвонинген (Кубикови куќи). Додека си во Ротердам, пробај капсалон - оваа високо калорична, месна мешавина, која може да се најде во продавниците за кебап, потекнува од Роттердам. Продолжи да го истражуваш градот со велосипед! Ротердам е целосно прилагоден за градско возење со велосипед, и ќе најдеш многу корисни апликации дизајнирани да им помагаат на посетителите за време на нивниот престој во градот Ротердам е, по многу начини, дигитален град. Тој работи на тоа да стане кибер отпорен за да биде најдобро подготвен за евентуални кибер напади. Работата на градот за подобрување на пристапноста, исто така, му донела второ место на конкурсот за наградата "Пристапен град" во 2017 година.
Дортмунд е познат по својот фудбалски тим, но ако тоа е единствената причина поради која го знаеш градот, посети го и откриј го тоа скриено богатство! Додека си во Дортмунд, не заборавај да го видиш замокот Васершлосот Хаус Роденберг, извонреден пример на ренесансна архитектура, со поглед кон езерото во центарот на паркот. Откако ќе се прошеташ по живописните улици во центарот на градот, направи си пауза во Вестфаленпаркот и поиграј си, набљудувајќи ги разликите помеѓу представените 3.000 вида на рози. Дали знаеш дека Дортмунд исто така собира и награди за иновации и дигитални технологии? Градот бил прогласен за "Најдигитален град" во Германија во 2018 година. Дортмунд исто така бил финалист за Европска престолнина на иновации , победил на натпреварот “Stadt.Land.Digital“ во 2019 година и бил домаќин на Дигиталниот самит истата година.
Германскиот град Хамбург нуди многу работи за да се направат и истражат, што го прави совршена станица на твоето DiscoverEU патување. Прекрасната архитектура, бреговите на реката Елба, парковите и многубројните уникатни музеи, го прават ова место возбудливо за да поминете еден ден во разгледување. Хамбург е широко признат како најиновативниот паметен град во Германија, кој е на врвот во двете рангирања на Битком и Хаселхорт Асошиејтс за 2020 година. Хамбург го тестира потенцијалот на автономното возење во Европа. Затоа, качи се во автономниот минибус и искуси ја можноста да се возиш во градот без возач! Продолжи да го истражуваш напредокот во областа на урбаните и дигиталните иновации и посети го Хамербруклин.Дигиталкампус.
Аархус е втор по големина град во Данска, но не и вториот најдобар! Прошетај се до пристанишниот базен и уживај во интересната атракција. Пливај во пристанишните базени или земи зелен кајак - тие се бесплатни, се додека донесеш малку ѓубре на враќање од патувањето. Потоа, можеш да се приближиш до некоја од најинтересните атракции во градот, како што се оживеаниот културен центар Докк 1 или култната зграда Ајсберг во новиот кварт Аархус Ø. Aархус користи иновации за да стане паметен град. Во него се реализира проектот на Европската комисија за паметен град, READY, кој прикажува како да се намали побарувачката на енергија преку модернизирање на зградите, интегрирани енергетски системи, ИКТ, мобилност и транспорт.
Ако си во Копенхаген за прв пат, отиди да ја фотографираш статуата на Малата сирена или посети некој пазар за да го пробаш Смербред. Но, ако веќе си бил таму или сакаш да излезеш од исцртаната патека, земи ја дигиталната бесплатна самонаведувачка пешачка турнеја “Ноу јор бро“. Таа ти нуди автентичен акцент на твоето патување низ градот. Без разлика дали сакаш да го истражуваш младиот, мултикултурен и бурен Норребро, неукрасеното, разновидно и модерно Вестербро, или најгусто населеното и крајбрежното Амагер, ќе научиш за историјата, културата и секојдневниот живот во трите поранешни работнички области. Копенхаген, исто така, ги користи дигиталните алатки за да стане поодржлив. Тој поставува зелени стандарди за паметни градови во целиот свет, станувајќи првиот јаглеродно-неутрален главен град до 2025 година.
Основан во 1621 година од страна на кралот Густав II Адолф, како трговски рибарски центар, вториот по големина град во Шведска е уникатна комбинација на градски пулс со природа на неговиот праг. Движењето наоколу е многу лесно, исто така благодарение на широкиот опсег на електрични автобуси кои оперираат во Гетеборг! Градот беше избран за европска престолнина на паметен туризам во 2020 година и беше рангиран на првото место во Глобалниот индекс за одржливост на 2017 година на светските градови. Прошеткај по каналите и откриј ја Фескекока, историски рибен пазар со неговата необична форма која наликува на црква. Пото, застани за ‘фика’ во Хага! Првобитно планиран како првото предградие на Гетеборг во 17ти век, овој инспиративен кварт денес е неизбежен дел во центарот на градот, со своите калдрмени улици и добро зачувани дрвени куќи од 19ти век. Дали бараш поголема возбуда? Тогаш не смееш да го пропуштиш забавниот парк Лизеберг, со неговите неверојатни ролеркостери и музички настапи!
И покрај неговата компактна големина, Осло е совршена комбинација на динамичен градски живот и природа, како и на стар и нов стил во својата архитектура. Градот ги дигитализирал многу од своите јавни услуги за да стане поодржлив и инсталирал мрежа на паметно осветлување за намалување на емисиите. Можеш да го започнеш твоето патување нуркајќи во историјата на градот со посета на тврдината Акершус, која датира од 1300-тите години, и на различни музеи во комплексот. Само неколку чекори оддалеченост е Бјорвика, прекрасен кварт со одлични примери на модерна скандинавска архитектура, вклучувајќи ја и светски познатата опера. Дали си гладен? Тогаш качи се на автобус за да стигнеш до Матхален, Хала за храна, каде што ќе можеш да ја вкусиш норвешката култура на храна! Навечер, не заборавај да ги истражиш бреговите на реката Акерселва во округот Грунерлока за да уживаш во уникатната барска сцена на Осло. И ако не си сигурен дека ќе успееш навреме, не се грижи: благодарение на користењето на Интернетот на нештата и собирањето на податоци, автобусите во Осло обезбедуваат широк спектар на вградени системи, кои вклучуваат следење на локација, продажба на билети и информации за патниците.