Сместен на западниот брег на Ирска во провинцијата Коннахт, градот Галвеј е добитник на наградата Европски зелен лист во 2017 година. Градот е опкружен со пространа шума, а ирската река Кориб протекува низ неговиот центар, што ја прави оваа област одлична за див свет и биодиверзитет. Покрај тоа, неколку од плажите западно од пристаништето на Галвеј имаат статус „Сино знаме“ од ЕУ, поради високиот квалитет на водата за капење, што ги прави совршени места за истражување со изнајмен велосипед.
Малтешката престолнина Валета, избрана за Европска престолнина на културата за 2018, и место од листата на светско наследство на УНЕСКО, е вистинско богатство полно со тесни улички и скриени градини. Градот им се приклучи на другите земји во Европа во обврската да стане јаглеродно неутрален до 2050 година, во прилог кон намалување на загадувањето со пластика во Средоземноморскиот басен. Крајбрежјето северо-западно од Валета е заштитена зона од мрежата Натура 2000, создадена за да ги заштити клунестите делфини и дебелоглавите морски желки. Тоа е одлично место за нуркање, каде што можеш да уживаш во живописниот морски свет!
Најголемиот планински венец на Кипар, Тродос, нуди стрмни падини за пешачење и планинарење, мирни планински села за прошетки и византиски цркви за посета. Неговиот највисок врв е планината Олимп – иако тоа не е планината позната од митологијата (таа се наоѓа во Грција!). Така да, иако нетреба да очекуваш да сретнеш древни богови, сепак овој Олимп нуди прекрасни погледи на кипарскиот пејзаж. Помеѓу зимскиот снег и топлите летни температури, планините Тродос нудат по нешто за секој посетител. Националниот шумски парк Тродос е заштитена зона на ЕУ во рамките на мрежата Натура 2000, што овозможува заштита на дивиот свет и биодиверзитетот на Кипар. Не заборавај да понесеш двоглед за да ги гледаш птиците, додека си таму!
Рејкјавик е прекрасен град, исполнет со удобни кафулиња, креативна култура и популарна музичка сцена. Благодарение на вулканските системи на Исланд, околу 85% од вкупната потрошувачка на енергија потекнува од домашни обновливи извори, како што се хидроенергија и геотермална енергија. Тоа исто така значи дека постојат фантастични природни минерални извори и термални бањи што можеш да ги посетиш додека си во Рејкјавик. Еколошките потенцијали на главниот град на Исланд се јасни; Рејкјавик бил финалист во натпреварот за Европска зелена престолнина во 2013 година и е еден од најзелените градови во светот, благодарение на своите 411 квадратни метри зелена површина по жител.