© European Union
Што претставува дијалогот на ЕУ со младите?
Последно ажурирана на Понеделник, 27/07/2026
Дијалогот на ЕУ со младите претставува механизам за дијалог меѓу младите и носителите на одлуки, кој се спроведува во рамките на Стратегијата на ЕУ за младите.
Зошто постои дијалогот на ЕУ со младите.
Тоа е начин да се обезбеди мислењата, ставовите и потребите на младите луѓе и младинските организации да бидат земени предвид при креирањето на младинските политики на Европската Унија.
Тој ја поддржува имплементацијата на стратегијата на ЕУ за младите за периодот 2019-2027 која е насочена кон три главни подрачја: „поврзување“, „вклучување“ и „зајакнување“, и ја поттикнува соработката меѓу земјите членки на ЕУ во однос на сите прашања што ги засегаат младите.
Како се спроведува?
Дијалогот со креаторите на политики и другите активности во рамките на дијалогот се одвиваат во работни циклуси од 18 месеци. Секој циклус се фокусира на различна тема што ја утврдува Советот на министри за млади.
Тековната тема (12-ти циклус, во периодот од јули 2026 до крајот на декември 2027 година) се однесува на Европската цел за младите бр.4: Информации и конструктивен дијалог.
Дијалогот со младите има за цел да ги опфати сите млади луѓе, вклучувајќи ги и оние со помалку можности, како и оние кои во моментот не се активни или не се вклучени. Во секоја земја членка на ЕУ, процесот го организираат национални работни групи, кои се одговорни за спроведување консултации и активности со млади луѓе, младински организации и креатори на политики.
Тројното претседателство ја има водечката улога во насочувањето на спроведувањето на Дијалогот на ЕУ со младите, во тесна соработка со Европската комисија, Националните агенции, како и со Европскиот младински форум и други претставници на младинското граѓанско општество, во рамките на координативна група.
Како да учествувате?
Учеството во Дијалогот на ЕУ со младите најчесто се одвива преку младинска организација, главно на национално ниво. Доколку сакате да учествувате во дијалогот, како организација или како поединец, треба да се обратите до вашиот национален младински совет.
Информациите за контакт на вашиот национален младински совет можете да ги најдете тука.
Во одредени случаи, можно е да се учествува и директно на ниво на ЕУ преку меѓународна невладина младинска организација. Тоа зависи од тековната тема на Дијалогот.
Кои се резултатите?
По завршувањето на националните и европските активности, резултатите се собираат, анализираат и дополнително се разгледуваат на Конференциите на ЕУ за млади. На овие конференции, младинските претставници и креаторите на политики имаат можност заеднички да работат и да испратат заедничка порака до Европската Унија. Овие конференции се одржуваат двапати годишно и се организираат од страна на земјата што претседава со Европската Унија.
Заклучоците што произлегуваат од активностите во рамките на Дијалогот на ЕУ со младите се презентираат на Советот на Европската Унија. Советот потоа може да усвои политички документ што ги содржи ставовите на младите. На пример, во 2018 година, во рамки на циклусот беа креирани 11 европски цели за младите, кои подоцна беа вклучени во Стратегијата на ЕУ за младите после политичкиот процес и преговорите во Советот на Европската Унија:
- Поврзување на ЕУ со младите
- Родова еднаквост
- Инклузивни општества
- Информации и конструктивен дијалог
- Ментално здравје и благосостојба
- Унапредување на младите во руралните средини
- Квалитетно вработување за сите
- Квалитетно учење
- Простор и учество за сите
- Одржлива зелена Европа
- Младински организации и европски програми
Погледнете ги претходните консултации во рамките на Дијалогот на ЕУ со младите и Библиотеката на Дијалогот на ЕУ со младите.
Стратегијата на ЕУ за младите придонесува визијата на младите да стане реалност преку мобилизирање на инструментите на политиките на Европската Унија и поттикнување активности на засегнатите страни на национално, регионално и локално ниво.